Вести

Се зголемува членарината за услугите на градската библиотека

By Radio Bum

March 11, 2022

За 50 денари се зголемува членарината за основците и средношколците за користење на услугите на библиотеката „Тане Георгиевски”, a 50 денари дневно ќе плаќаат и граѓаните, претежно студентите кои што најчесто ја користат читалната. Одлуката е донесена на денешната седница на Советот на општината.

Корисниците на библиотеката кои досега за членството плаќале 200 денари ќе плаќаат 250, а оние кои членарината ги чинела 100 денари ќе плаќаат 150 денари за услугата.

Причина за поскапувањето како што истакна директорката Христина Алексовска е повисоката цена на струјата, но и зголемените трошоци за плати предвидени со колективниот договор.

Дали постоела методологија при донесувањето на одлуката за зголемување на членарината, направена ли е посериозна анализа за зголемувањето од причина што повисоките цени можат да резултираат со одлив на членството, кога ќе профункционира читалната, зошто детскиот оддел не се загрева доволно, дали законски се реализирани неколкуте последни вработувања, но и што се презема за популаризација на книгата, беа дел од прашањата на советникот од СДСМ, Александар Јовановски до директорката на библиотеката Христина Алексовска.

Читалната најверојатно ќе проработи од понеделник, но според важечките протоколи треба да биде исполнет само 30 проценти од вкупниот капацитет, кој што изнесува 20 места, рече директорката Христовска, дополнувајќи дека спомнатите вработувања се законски, се затоплува просторијата во која се сместени вработените во детскиот оддел,а библиотеката сè уште е втора во државата по бројот на набавени книги и литература.

Библиотеката „Тане Георгиевски“ минатата година за набавка на нови книги потрошила 1,4 милиони денари.