Општина Куманово по пауза од две години учествуваше на струмичкиот карневал со маски изработени од учениците од средните училишта од Куманово, соопштија денеска надлежните од секторот за култура и од училиштата.
Претставниците од општината и учесниците се задоволни од учеството и велат дека маската “Ролер костер” била подготвена пред пандемијата од учениците од кумановската гимназија “Гоце Делчев” и средното училиште “Перо Наков”. На карневалот учествуваше и државното средно училиште “Киро Бурназ” со маска “Пеперутки”.
– И двете маски беа презентери на општина Куманово. Учествуваме на карневалот повеќе од десет години, имаме освојувано второ, трето место, стимулативна награда, годинава не освоивме награда, конкуренцијата беше силна, за да се изработи маска и да се добие награда потребни се повеќе финансиски средства, затоа што навистина струмичкиот карневал е на високо ниво, изјави Цоки Ристовски од Одделение за култура при Општина Куманово.
Професорките кои заедно со дваесетте ученици учествуваа на карневалот, Љубинка Максимовска од гимназијата и Викторија Крстевска од средното стручно училиште кажаа дека вложиле труд и се обиделе преку маската и кореографијата да ја претстават атмосферата на возење на ролер костер. Двете професорки велат дека струмичани се одлични домаќини и дека ќе се подготват уште отсега за наредната година.
Струмичани се одлични домаќини, карневалот е на многу високо ниво, а учениците се презадоволни од учеството. Струмица за време на карневалот наликуваше на светска метропола, изјави Викторија Крстевска, професорка од средното училиште Перо Наков.
Инаку, според програмата од општинскиот буџет на Куманово за оваа намена се одвојуваат 40.000 денари.
Сузана Андоновиќ