Сообраќајот за тешки товарни возила ќе се одвива по одобрена сообраќајна проектна документација од Министерство за транспорт и врски од понеделник 7 март, откако целосно ќе се затвори мостот над реката Кумановка во Проевце. Камионите ќе се пренасочуваат кон Миладиновци на клучката кон Свети Николе, а тоа од сегашната рута ќе им биде дополнителни 7 километри. Оваа рута за тешки товарни возила важеше и кога се реконструираше и Искрин мост, информираат надлежните.
Во соопштението од општина Куманово е наведено –
Согласно одобрението за пренасочување на сообраќај со број 11-уп17/4 од 01.03.2022 година, издадено од Министерството за транспорт и врски на Република Северна Македонија, Ве известуваме дека поради изведување на санациони работи од ден 07.03.2022 година (во наредните 6 месеци) мостот на река Кумановка на Р1204 делница Куманово – Свети Николе, ќе биде затворен за сообраќај. Воедно Ве известуваме дека сообраќајот за тешки товарни возила ќе се одвива по одобрена сообраќајна проектна документација од Министерство за транспорт и врски.Градежните активности опфаќаат санација на столбовите, менување на лежиштата, санација на челичната конструкција, санација на отворената дупка на коловозот, бетонирање на нова коловозна плоча, нови хидроизолација, дилатации, еластична одбојна ограда и тротоари.