Вести

Целосно се затвора мостот над реката Кумановка во Проевце

By Radio Bum

March 04, 2022

Од понеделник 7 март целосно ќе биде затворен за сообраќај мостот на реката Кумановка во населбата Проевце, на регионалниот пат Куманово – Свети Николе. Како што соопштуваат надлежните затворањето е поради реконструкција на мостот, а предвидено е да биде затворен 6 месеци.

„Согласно одобрението за пренасочување на сообраќај со број 11-уп-7/4 од 01.03.2022 година, издадено од Министерство за транспорт и врски на Република Македонија, ве известуваме дека поради изведување на санациони работи од 07.03.2022 година, мостот на река Кумановка на Р1204 делница Куманово – Свети Николе во наредните 6 месеци ќе биде затворен за сообраќај“, е наведено во соопштението од министерството за транспорт и врски.

Санацијата на мостот над реката Кумановка на регионалниот пат Р1204 кај село Проевце ја изведува фирмата „Синтекс инжинеринг“ Скопје, а подготовките се започнати при крајот на јануари. Рокот за изведување на градежните работи е 15 месеци.