– Моите браќа и сестри донесоа одлука да си заминат, не можат да го поднесат притисокот од јавноста. Каде и кога ќе заминат не знаеме, со тешко срце ќе си заминеме од Куманово, рече во последниот, вечерашен контакт портпаролот на религиска еврејската група Лев Тахор, Уриел Голдман, тој упати порака луѓето да бидат љубезни и толерантни. Ако луѓето се различни не значи дека се лоши, вели Голдман.
Припадници на религиска еврејската група Лев Тахор станаа несакани гости веднаш по нивното пристигнување во Куманово. За пет дена колку беа во Куманово тие имаа многу непријатности од кумановци, од вознемирување на врата до напади со јајца. Во отсуство на информации граѓаните реагираа и побараа надлежните да ги иселат од градот.
Се разликуваат во стилот на облекување и имаат многу деца, непознатото за Лев Тахор дека се секта веднаш се слушна низ градот и започнаа негативните коментари за гостите. Тие не наишле на топол пречек ниту во Босна и Херцеговина, од која заминале на 3 февруари. Сега се во Куманово, сместени се во изнајмени куќи во населбата Зелен рид. Колку ќе останат во Куманово и која е нивната следна дестинација не знаат, велат дека тука луѓето не ги сакаат им доаѓаат на врата и ги бркаат, вели за радио Бум припадник на Лев Тахор, кој ни даде директен контакт со Уриел Голдман, портпаролот на оваа религиска група.
Не знаеме колку ќе останат нашите браќа и сестри во Македонија, дојдени се легално, туристички можат да останат три месеци но нема долго да се задржат, а каде ќе биде следната наша дестинација не знаеме, бараме мирно место во светот каде ќе ја прифатат нашата религија и нашата определба. Ние сме мирен народ, не сакаме конфликти, не сакаме оружје сакаме мирен живот, вели Голдман.
Тој објаснува дека тие се антиционисти, а тоа е најголемиот проблем зошто нивната матична држава не ја сака нивната заедница. Бегаме од прогон, сакаме мир но каде и да отидеме веднаш по нас започнува прогон, вели тој. Не обвинуваат дека сме лоши, зборуваат погрдни зборови за нас, дека злоставуваме деца но тоа не е вистина. Властите во Канада 18 месеци водеа истрага и докажаа дека тоа не е вистина.
На прашањето дали е вистина дека ги тераат девојчињата да се мажат млади тој вели дека тие ја почитуваат традицијата. Секој може и има право ако не сака да се мажи или жени да каже и нивната одлука секогаш се почитува. На прво место за нас е почитувањето на традицијата. Чуваме деца, се грижиме за нив, ги учиме на вистинските вредности на животот. И сакам да порачам дека ако луѓето се различни тоа не значи дека се лоши. Луѓето треба да имаат повеќе разбирање и да бидат толерантни кон нас. Ги сакаме сите луѓе во светот, ги почитуваме сите и длабоко верувам дека еден ден и нашата заедница ќе биде почитувана и сакана, само треба да не прифатат и да не запознаат.
Мирни се, кога ќе се видиме надвор љубезно ќе нè поздрават, но секоја вечер доаѓаат многу луѓе, викаат пред нивната куќа, а синоќа и со јајца маваа по куќата. Внатре се и се плашат да излегуваат надвор, вели сосетка.
Надлежните смируваат и уверуваат дека станува збор за верска група која што е на пропатување и се очекува да ја напушти земјата. Тие повикаа на толеранција и солидарност со групата, во која што има и деца.
Сузана Андоновиќ