Вести

Учениците од основните и средните училишта, новогодишно го украсија градскиот плоштад

By Radio Bum

December 24, 2021

Дедо мраз, санки со ирваси, лампиони … беа само дел од новогодишните украси кои учениците од средните и основните паралелки од општинските училишта ги подготвија со нивните наставници за да го украсат градскиот плоштад, кој годинава поради енергетската криза остана неукрасен.

Иницијативата е на претседателката на советот на општина Куманово, Ивана Ѓорѓиевска.

– Станува збор за рачно изработени украси од рециклирачки и еколошки материјали кои ќе придонесат да се почувствува предновогодишната атмосфера во Куманово, со оглед на тоа што општина Куманово годинава предвидените средства за украсување ги пренамени за фотоволтаични панели на градскиот базен, информира Ѓорѓиевска.

– Денеска учествуваат 18 училишта, од кои 4 средни од македонски и албански паралелки и од сите основни училишта од Куманово. Средствата ќе се пренаменат за сончеви панели на градскиот базен. Пред да донесеме одлука го направивме ова затоа што мислиме дека е прекрасна иницијатива од граѓани за граѓани односно од нашите ученици за да можат да се израдуваат. Јас знам дека ова е аматерски, ама знам дека ги исполнува ова. Секој ученик да си ја најде својата творба овде е нешто прекрасно, а мислам дека и најмалите ќе уживаат во вакво нешто. За професионално уредување знам дека ќе биде следната година, ама во енергетска криза мислам дека одлуката е прифатлива и мислам дека за сите е добра, изјави Ивана Ѓорѓиевска, претседател на Советот на општина Куманово

Според наставникот Александар Стефановски, денешната активност е можност да се покаже дека и со изработки од пластика може да се долови предновогодишниот амбиент.

– Да се приклучивме сите основни школи дури и средни училишта имаат учество земено. Се работи за китење на градот со еколошки материјали и да покажеме ентузијазам дека може и со пластика да изгледа интересно и со изработки од рачињата на нашите ученици за градот да биде поубав и поукрасен за оваа нова година. Изработките се претежно од пластика за да покажеме дека можеме и еколошки да се изразиме, изјави Александар Стефановски, наставник по ликовно образование.

Сузана Андоновиќ