Апарати за срце- ЕКГ апарат и два апарати за неинвазивно мерење на крвниот притисок донираа претставниците на командата на бригадата на Југоисточна Европа-СИБРИГ, на општата болница во Куманово.
– Тука сме да понудиме симболична донација на кумановската болница и на овој начин да ја изразиме нашата благодарност до лекарите и сестрите кои изминативе две години пружаат помош за заедницата во справувањето со Ковид пандемијата. Се чини дека пандемијата нема скоро да заврши и ваквиот живот стана наша нова нормалност. Би сакал да им посакам да останат силни и безбедни и да продолжат да ја штитат заедницата и да им посакам среќни празници, здравје, мир и благосостојба – истакна Аристедеис Илиопулос, командант на Бригада на Југоисточна Европа – СИБРИГ, бригаден генерал.
Надлежните од кумановската болница изразија благодарност за донацијата. Бригадата и минатата година пред новогодишните и божиќните празници донираше заштитна опрема за оваа здравствена установа.
– Оваа година добивме ЕКГ апарат и два апарати за неинвазивно мерење на крвниот притисок. Благодарност до нив, ова е еден убав гест во пресрет на празниците, за нас секако една добредојдена донација, бидејќи ова се апарати кои ние секоја година ги купуваме, но знаете и сами во период на зголемен обем на работа имаме и повеќе потреба од набавка на истите-истакна директорката на болницата, Снежана Захариева.
Минатата седмица претставниците на СИБРИГ донираше и компјутери и речници на англиски јазик, на основното училиште „Крсте Мисирков“.