Вести

Продолжува протестот кај Искрин мост , најава за целосна блокада

By Radio Bum

September 17, 2021

Жители на петнаесетина села но и граѓани кои имаат викенд куќи од источниот дел на Куманово, повторно преку мирен протест го изразија своето незадоволство. Бараат да забрза реконструкцијата на Искрин мост или да се асфалтира новиот патен премин, за кој велат е небезбеден.

– Да се асфалтира патот и да се стави патна сигнализација. Камиони, тешки возила поминуваат, не бараме ништо од она што не ни следува, тоа е наше граѓанско право. Ова не е партиски собир туку граѓански, ова се луѓе од 15 села-вели Дејан Петровиќ.

,, Што да кажам луѓето се во право што велат, самата држава требаше да го реши ова. Не може да се качи човек пешки, а не со возило, а има голем метеж цела источна Македонија кои одат кон Србија тука поминуваат.-нагласи Томислав Кузмановски.

-Околу 2 месеца досега како е затворен мостот не гледаме некои поместувања или подобрувања, а секојдневно се поминува по овој пат и секојдневно кршиме возила, така што ние имаме едноставно барање да се направи или мостот или патот друго не бараме-вели Димитар Димковски.

Овие жители организираа протест и во понеделник. Но од тогаш велат никој од надлежните не им се јавил за решавање на овој проблем.

-Немаше никаква реакција од никого, никој ништо не презема, пак тешки камиони поминуваат, од сите страни. На нас друго не ни останува, градоначалникот минатиот пат ни даде поддршка, а гребат асфалт во центарот на Куманово наместо да го донесат тука, тие ништо не преземаат. Никој не сака да крене телефон, да каже дај пуштете камиони и така гребат асфалт накај Паланка, така што ние остануваме на нашите барања и протестите ќе продолжат додека не се најде решение за овој пат-дополни Петровиќ.

Тие најавуваат блокади и наредната седмица, во среда но и во недела кога протестот ќе биде 24-часовен. Искрин мост беше предвидено да биде затворен сто дена. Одлуката беше донесена откако беше утврдено дека при реконструкцијата е изместен еден од носечките столбови за 70 сантиметри.

Од јавното претпријатие за државни патишта појаснуваат дека сообраќајот за лесни и тешки товарни возила треба да се одвива по автопатот Миладиновци–Свети Николе, а не по алтернативниот пат, кој е наменет за движење на локалното население. Од претпријатието дополнуваат и дека тие асфалтирале и поставиле сигнализација за неизменично пропуштање на возилата, но немаат надлежност да подобруваат локални патишта.