Вести

Спасовски: Три бонус плати за полицијата

By Radio Bum

November 26, 2020

Три бонус плати ќе добијат вработените во МВР, информираше министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски. Бонус платите полицијата ќе ги добие за 2020 , 2018 и 2017 година.

На он лајн состанок со претставници на Македонскиот полициски синдикат, предводени од претседателот Марјан Кицев и министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, договорено е во наредниот период да биде исплатена бонус плата за вработените во МВР за три години.

Како што информираат од кабинетот на министерот Спасовски, во претходниот мандат на министерот Спасовски биле обезбедени средства за исплата на бонус плата за 2019 година и таа, за прв пат беше исплатена во МВР, сега се обезбедени средства за исплата на бонус плата за 2020 година, но и за 2017 и 2018 година. Бонус платата за 2017 година ќе биде исплатена во декември оваа година, а бонус платата за 2018 и 2020 година во текот на наредната година, велат од МВР.

На тој начин и вработените ги добиваат парите кои им следуваат согласно колективниот договор, а и Министерството нема да се изложува на непотребни судски трошоци по тужбите на вработените.

Претставниците на Македонскиот полициски синдикат ја поздравија оваа одлука и презедоа обврска да ги информираат вработените во МВР дека овој проблем е надминат и дека повеќе нема овие средства да се бараат преку суд туку ќе бидат исплатени од работодавачот.