Сите возила, кои заклучно до 1 октомври 2020 година влегле на територијата на Македонија и се со странски регистарски таблички, ќе можат во рок од една година да се регистрираат во земјата со намалени давачки од 50 % од утврдената вредност на сите давачки што се наплатуваат при увоз од страна на надлежните државни органи, објави владата.
На предлог на Министерството за економија, Владата денеска го усвои Предлог-законот за регистрација на возила со странски регистарски таблици на територијата на Република Северна Македонија.
Според Предлог-законот кој стапува на сила 20 дена откако ќе биде објавен во Службен весник, по усвојување од Собранието, возилата, за кои е поднесено барањето за регистрација задолжително треба да ги исполнуваат следните услови:
-сопственикот или корисникот, односно лицето овластено за отуѓување на возилото или лицето кое ќе го купи возилото да ги има регулирано царинските и даночните обврски за возилото во рок од шест месеци од денот на влегувањето во сила на овој закон и да поседува важечка сообраќајна дозвола, осигурување и зелен картон;
– да влегле на територијата на Република Северна Македонија до 1 октомври 2020 година.
Целта на ова законско решение е можност на граѓаните, сопствениците или корисниците да можат да ги регистрираат возилата со странски регистарски таблици на територија на Република Северна Македонија.