Вести

Три спортски игралишта, патеки за трчање и анфитеатар ќе се изгради на спомен Костурница

By Radio Bum

October 08, 2020

Партерното уредување на локацијата Спомен Костурница во Куманово ќе започне следната недела, најави денеска градоначалникот Максим Димитриевски.

Проектот е дел од заедничка апликација за прекугранична соработка на општините Куманово и Гњилане, а во рамки на обновување и зачувување на културното наследство на територијата на градовите.

– Со овој проект е предвидено партерно уредување на локацијата Спомен Костурница, изградба на три спортски терени, дополнително изградба на амфитеатар на постоечкото игралиште и доколку имаме секако заштеди во делот на тендерската постапка на средствата ќе пристапиме на реконструкција и на веќе постоечкото игралиште. Во рамки на реализација на овој проект ќе се вклучи и ЈП „Чистота и зеленило“ кое што има обврска да ги дислоцира т.е да ги пресади веќе постоечките садници на оваа локалција каде што ќе се реализира градбата и дополнително општината со сопствени средства и со поддршка на ЈП „Чистота и зеленило“ ќе засади дополнителен број на нови насади со цел да се зголеми зелениот капацитет во градот, изјави градоначалникот Димитриевски.

Како што вели Димитриевски, Спомен Костурница е место каде што со години не е инвестирано, а со ова ќе се зголемат не само спортските капацитети, туку и ќе биде место за релаксација на граѓаните.

Димитриевски го потенцираше и историското значење на локацијата, каде се наоѓаат остатоците на предците кои учествувале во борбите во Втората светска војна.

– Верувам дека во иднина и државата ќе изнајде дополнителни средства да го реконструира и споменикот на Спомен Костурница кој што е споменик од прва категорија и е под заштита на државата, а ние да пристапиме дополнително на партерно уредување. Оваа локација треба веќе следната година да добие нов модерен лик со изградени нови спортски терени и дополнителни трим патеки за трчање, рекреирање на младите луѓе и дополнително да се намонтира урбана опрема, клупи, справи за вежбање и рекреација, изјави Димитриевски.