Вести

Од понеделник, 12 октомври се отвараат границите во регионот, без ПЦР тест во Србија, БиХ, Црна Гора и Косово

By Radio Bum

October 06, 2020

Врз основа на координацијата со министерствата за здравство од регионот, денеска, на седница на Владата , донесовме одлука да овозможиме непречен влез на странските државјани од Република Србија, Република Косово, Република Црна Гора и Република Босна и Херцеговина, без приложување медицинска потврда со негативен RT PCR SARS CoV-2 тест, напиша премиерот Зоран Заев на Фејсбук.

Во овие земји, за кои нивните граѓани досега имаа обврска при влез/транзит во нашата земја да приложат негативен RT PCR SARS CoV-2 тест, по принципот на реципроцитет е договорено и нашите граѓани да патуваат во овие земји, без обврска да приложат негативен тест.

Оваа одлука е донесена по доставен предлог и позитивно мислење на Комисијата за заразни болести според кое до овој момент нема индикации или висок број на влезени позитивни случаи од странски држави, а со тоа и нема висок ризик по јавното здравје. Одлуката е донесена заради остварувањето на неопходните потреби на граѓаните, при што Владата апелира патувањето да се сведе на минимум и исклучиво за неодложни потреби и со целосно и доследно применување на сите мерки за лична заштита од Ковид-19.

Одлуката стапува на сила од понеделник, 12 октомври 2020 година.