Вести

Протест против онлајн настава ги обедини учениците од сите националности во Куманово

By Radio Bum

October 04, 2020

Учениците средношколци од Куманово денеска самоиницијативно се организираа и излегоа на протест против онлајн настава. Велат дека училиштата не можат да бидат ризик за Ковид 19,тие од надлежните побараа да им одобрат настава во физичко присуство, во спротивно ќе продолжат со протести и ќе ја бојкотираат онлајн наставата. На протестот денеска кој се одржа пред зградата на општина Куманово протестираа учениците од сите националности, заедно. Учениците од македонска националност протестот го започнаа од паркингот кај градскиот базен, а учениците од албанска националност тргнаа од гиманазијата Сами Фрашери, се сретнаа и заедно протестираа пред општината.

-Од ковид 19 според вас не може да се зарази во сите тие кафулиња и ноќни клубови каде народот е еден до друг, а во школо тоа може нели? Ако сте решени за онлајн настава зошто не обезбедите на сите лаптоп и интернет-истакна еден од организаторите на протестот Дамјан Петрушевски.

-Не можеме убаво да учиме многу е потешко да се учи онлајн и мислам дека овие ни се најубавите години и треба да ги поминеме во училиште-вели една ученичка. -Сакаме повеќе да се дружиме со нашите врсници, поразлично е кога сме дома и на училиште-нагласува друга ученичка.

-Децата ќе останат неписмени, интернетот е лош, има многу сиромашни семејства кои немаат компјутери, ниту интернет, сметаме дека треба да се вратат барем сега кога е убаво време, за понатаму ќе видиме-вели една родителка. -Се друго се пушти во функција, игротеки, кафеани, собири, банки, маркети не ми е јасно како може ковид вирусот да постои само во училиште а не и на остантите места-нагласува друга родителка.

Организаторите на протестот најавија и протести за утре во 14 часот.