Со улогата на Џин, во претставата „Телефонот на мртовецот“ актерката Александра Пешевска ја доби наградата за најдобро актерско остварување на фестивалот на камерен театар „Ристо Шишков“ во Струмица.
Возбудата за наградата е голема, уште сум под емоции и наградата ми е посебно драга , – вели Пешевска.
На Пешевска ова е деветта претстава на која работи со режисерот Александар Ивановски, а улогата колку и да е тешка, толку се помни и остава впечаток и на публиката и кај актерот, вели таа.
– Сакам да ги поканам љубителите на театрот да ја проследат претставата и ликот кој е награден на фестивалот да дојдат во кумановскиот театар во сабота на 19 септември во 20 часот . Улогата на Џин бараше исклучителен напор, но чувството уште кога ја подготвувавме беше истовремено убаво. Ова е деветта претстава на која работам со режисерот Александар Ивановски и точно знаев дека ќе биде габаритна улогата, но колку и да е тешка, толку повеќе ја помниш и повеќе остава впечаток и на публиката и кај актерот. Беше големо задоволство да се работи и со режисерот и екипата, рече Пешевска. Актерката работи од студентски денови и има играно во преку педесетина претстави, претежно главни улоги.
Режисерот Ивановски на денешната прес-конференција кажа дека со Пешевска соработувале уште од студентски денови, нагласувајќи дека ова е првпат актер со кој соработува да добие високо признание-најдобро актерско остварување.
– Годинава сосема заслужено, зборувам со целиот интегритет од процесот на работа и неколкуте изведби пред кумановската публика, тоа место меѓу лауреатите ѝ припадна на Александра, актерка, која целата кариера ја поминува во кумановскиот театар и има креации кои се завидно, професионално, театарско ниво, рече Ивановски.
За кумановскиот театар, режисерот рече дека е задоволство да се работи, бидејќи актерите истражуваат, вклучително и со Пешевска за која рече дека е искрена кон публиката.
Претставата во Куманово беше изведена во февруари, годинава. Драмскиот текст „Телефонот на мртовецот“ претставува свет во кој дискретниот хуманизам се распаѓа, дури и смртта ја губи својата конечност, се замаглува границата на тоа кој е мртов, кој е жив. Покрај, Пешевска во оваа претстава играат и Кети Дончевска Илиќ, Горан Илиќ, Марко Трајковиќ, Александра Михајловска, Владанка Димковска.