Вести

Во јануари ќе стартува новото лизгалиште во Куманово

By Radio Bum

December 27, 2019

До градскиот базен во Куманово ќе се отвори лизгалиште кое според најавите на градоначалникот на општина Куманово треба да започне со работа во јануари. Опремата е доставена од Агенцијата за млади и спорт и откако ќе биде монтирана со лизгалиштето ќе стопанисува јавното претпријатие „Чистота и Зеленило“, најави градоначалник, Максим Димитриевски. – Ќе се плаќа симболичен износ за користење за подмирување на сметките за електрична енергија, за ангажирање на вработени. Ќе биде убава содржина до спортскиот комплекс, отворен за граѓаните- изјави Димитриевски.

Според најавите се очекува лизгалиштето да почне со работа на почетокот на идната година .

Кон крајот на летово, Секторот за комунални дејности од општина Куманово достави предлог локација до Агенцијата за млади и спорт за поставување монтажно лизгалиште во Куманово. Претходно, Владата на седница ја задолжи Агенцијата за млади и спорт да обезбеди 14 милиони денари за изнајмување на седум монтажни спортски игралишта во општините Куманово, Струмица, Охрид, Битола, Центар, Гостивар и Тетово.

Претходно, Куманово во 2011 и 2012 година изнајмуваше урбана опрема за лизгалиште од приватна компанија од Белград, Р.Србија која беше сместена на градскиот кеј.