Вести

Градоначалникот на општина Куманово доби признание за развој на претприемништо на светскиот конгрес на претприемачи

By Radio Bum

October 19, 2019

Највисоко признание на проектот за промоција и наградување на најдобрите заедници и институции за креирање на добар амбиент за развој на претприемништво во Средна и Југоисточна Европа, го доби Градоначалникот на Општина Куманово, Максим Димитриевски.

– Ние оваа година имаме чест и почестени сме сите кумановци да уживаме во датумот на пет века постоење на нашата општина, затоа посакувам не само на Општина Куманово, туку и на сите вас претставници на локални заедници, институции и држави кои вечерва сте тука, да доживеете многу вакви јубилеи. Општина Куманово е најголемата општина во Република Северна Македонија и она што нас не карактеризира е кумановскиот темперамент и шегобијност. Тука е најголемата фабрика на овој дел на југоисточна европа за заварени цевки и профили и верувам дека чевлите кои ги носите вечерва сите овде најголем дел се „Made in North Macedonia“ токму произведени во Куманово. Затоа уште еднаш сакам да ве потикнам сите вас локални лидери, да размислувате локално, а да се замислувате глобално следејќи ги светските трендови на патот до успехот, бидејќи само доколку сме заедно можеме да успееме на патот за развој на нашите заедници и нашите држави, изјави Димитриевски во своето обраќање на манифестацијата.

Конгресот се одржува во Скопје, под покровителство на Владата на Република Северна Македонија. Свеченоста на доделувањето на наградите и признанијата “Глобал Локал” се одржа во рамките на официјалната програма на Светскиот конгрес на претприемачи, со цел претставување на проектот и огромното значење на развојот на претприемништвото за севкупен економски и друштвен развој.