Присуство на дива свиња во Куманово ги вознемири граѓаните на Куманово на повеќе локации. Дивото животно најпрвин било забележано на улицата Никола Тесла каде жителите во 3 часот и 50 минути пријавиле во полиција.
Екипите на полиција со ветеринарната служба и инспектор по храна и ветеринарство веднаш излегле на терен во потрага по животното. Според информациите на очевидци кое го виделе животното од улицата Никола Тесла дошло на улица Братство и Единство каде ја турнало оградата и поминало во дворот на градинката по што било забележано кај старата црква и кај поранешното кино Козјак. Дивото животно било заловено во локалитет Серава во Куманово, по што било извршено и дезинфекција на местото како превенција од свињска чума.
Од информациите на надлежните, Официјален ветеринар на Агенцијата за храна и ветеринарство издаде решение за нештетно отстранување (закопување во јама гробница), на труп од дива свиња, која утрово е еутаназирана во сточарскиот ветеринарен центар “Тодор Велков” во Куманово. Станува збор за единка, за чие присуство во градот Куманово, во раните утрински часови било алармирано од страна на граѓани, а во чие заловување биле вклучени официјални ветеринари, припадници на Министерството за внатрешни работи и од ветеринарната станица “Тодор Велков”.
При еутаназирањето на дивата свиња од страна на официјален ветеринар на Агенцијата, исполнети се барањата од законите за здравствена заштита и благосостојбата на животните. Земени се мостри за лабораториско испитување и детектирање на евентуално присуство на вирусот на класична и африканска свинска чума.