Вести

Еден полициски службеник загина, а друг е тешко повреден во сообраќајна несреќа откако во него удрил мерцедес управуван од пијан возач кој избегал и предизвикал нова несреќа(фото)

By Radio Bum

April 21, 2019

Траги од крв и остатоци од скршени возила сведочат за сообраќајна несреќа со смртни последици која ноќеска по полноќ се случила на регионалниот пат Куманово – Свети Николе.

Во несреќата животот го загубил В.Ц. 37 годишен полициски службеник од Куманово, а полицискиот приправник 25 годишен А.М. е тешко повреден.Тој е пренесен во клиничкиот центар Мајка Тереза во Скопје. Полициските службеници по повик биле на интервенција во населбата Ајдучка Чешма, откако завршиле со интервенцијата тргнале кон полициското возило но во тој момент со голема брзина во нив директно удрило возило мерцедес управувано од С.Ј. 40 годишен , кој според извори во истрагата бил под дејство на алкохол. Пијаниот возач избегал од местото на несреќата, а на два километри од првата несреќа предизвикал нова.

Тој на мостот во населба Карпош директно удрил во такси возило во кое се превезувале три лица. Возачот на такси возилото 34 годишен Н.П. и сопатничката 42 годишна А.Ј. се здобиле со тешки телесни повреди и биле префрлени во Клиничкиот комплекс Мајка Тереза во Скопје, а 52 годишниот Д.Ј. со телесни повреди. На сообраќајната несреќа интервенирала Територијалната противпожарна служба и екипи на Итна медицинска служба. Регионалниот автопат Куманово – Крива Паланка и регионалниот пат Куманово -Свети Николе по кобната несреќа беа затворени за сообраќај, а по извршениот увид се пуштени.

Од Секторот за внатрешни работи Куманово во официјалното соопштение информираат дека на 21.04.2019 во 00,45 часот на регионален пат Куманово Свети Николе во близина на крстосница со нас.Ајдучка Чешма патничко моторно возило „Мерцедес“ со кумановски регистарски ознаки, управувано од С.Ј.(40), удрило во В.Ц. (37, полициски службеник) и А.М. (25 год, кандидат за полициски службеник), кои биле на службена должност. В.Ц. починал на местото на настанот, а А.М. со тешки телесни повреди е пренесен во комплексот клиники „Мајка Тереза“ во Скопје. С.Ј. со возилото „Мерцедес“ избегал од местото на настанот, по што на регионалниот пат Куманово-Св.Николе во близина на хотел „Сателит“ удрил во патничко моторно возило „Шкода“ со кумановски регистерски ознаки, управувано од Н.П.(34). Возачот на возилото „Шкода“ и сопатникот Д.Ј. (42) се здобиле со тешки телесни повреди, а А.Ј. (52) со телсени повреди, при што Д.Ј. е пренесена во комплексот клиники „Мајка Тереза“ во Скопје додека останатите повредени се пренесени во болницата во Куманово. С.Ј. е пренесен во болницата во Куманово, а против истиот во текот на денот ќе биде поднесена соодветна кривична пријава.