Прва детска градинка со капацитет за сместување на 20 деца од предучилишна возраст, е отворена во општина Младо Нагоричане. Градинката Изворче, која е дел од установата Ангел Шајче првично ќе згрижи десет деца, при што групата ќе биде комбинирана од најмали до деца на возраст до 6 години. Наменски адаптираниот простор се наоѓа во рамки на подрачното училиште во Младо Нагоричане, со површина од 91,7м2 и посебен влез. За градежно-занаетчиските работи и опремувањето Министерството за труд и социјална политика обезбеди средства во износ од 3.001.780 денари. Отворањето на оваа градинка е резултат на меѓуопштинската соработка на локалните самоуправи на Куманово и Старо Нагоричане и таа ќе функционира во рамки на ЈОГД „Ангел Шајче“- Куманово.
Министерката Мила Царовска изрази задоволство поради реализација на напорите да се отворат градинки и во места каде што никогаш немало, а особено во рурални средини, кои беа неоправдано запоставувани во минатото. На овој начин, не само што се овозможува подобар раст и развој на децата, туку се поддржуваат и родителите, особено жените од овие средини, кои многу често се спречени да се вклучат на пазарот на труд, токму поради немање поддршка во грижата за децата.
Градоначалничката на општина Старо Нагоричане Жаклина Јовановска изјави дека oваа установа е предвидена за згрижување на 20 деца, ќе опфаќа целодневен престој, групата ќе биде комбинирана од најмалите до наголемите на возраст до 6 години.
„Запишани се 10 деца се надеваме дека групата ќе расте и дека понатаму ќе добиеме уште една група да отвориме уште еден дел Ангел Шајче за да можеме и ние како општина Старо Нагоричане како правен субјект да имаме наша градинка, да стопанисуваме во интерес на сите граѓани, жителите на Старо Нагоричане за да можат тие да си ги извршуваат своите обврски а за прв пат во Старо Нагоричане да биде отворена една ваква установа ни е голема чест и благодарност и до општината и на директроката за заложбата на министерството за труд и социјална политика за прв пат да се отвори ваква градинка„ –изјави Јовановска.
На отворањето на градинката присуствуваше и вицепремиерот Оливер Спасовски, тој изјави дека ова е проект кој е зацртан во програмата на Владата и кој ги исполнува залагањата на претседателот и на министрите. Тој се заблагодари на институциите за реализација на проектот и рече дека преку ваквите проекти Владата покажува дека сите општини, без разлика на големината се важни.
„ Ова е класичен пример, денеска во општина Старо Нагоричане се отвара градинка за прв пат по основањето на општината со цел да бидат згрижени децата од предучилишна возраст. Оттука има и вработување на лица, создаваме можност, жените од општината да бидат работно ангажирани со цел сите граѓани во Макеоднија да добијат поеднакви услови за живот“-рече во обраќањето Спасовски. Тој истакна дека во овој регион во наредниот период Владата ќе вложува во реализација на проекти од инфраструктурата. На отварањето присуствуваше и градоначалникот на Куманово, Максим Димитриевски.