Вести

Мојата судбина не му ја посакувам на никого , било и потешко но поминало порача Дедо Борче од Нагоричане, ме клеветат и зборуваат невистини и сакаат да ме избркаат од црквата

By Radio Bum

March 29, 2018

Пролетно утро, недела пред Цветници, со голема радост не пречека дедо Борче Стефановски во црквата Света Богородица во Младо Нагоричане. Луѓе во двор секој со своја мака и животна приказна чекаат да започне утринската литургија. Бевме изненадени од присутноста со оглед на тоа што светите храмови во Куманово се празни на утринските литургии , но така не беше во црквата што ја направил дедо Борче  во Младо Нагоричане на 15 километри источно  од Куманово .

„Направив два црковни храма на многу луѓе им помогнав ,  поминаа илјадници луѓе, многу деца се родија,  тука се крстија, многу болни се излечија но тешко време дојде„- вели старецот кој не жали за тешкиот живот и судбината која му била таква , за себе вели дека има голема парапсихолошка моќ .

Тој ја отвори вратата на црквата и не покани внатре , се прекрсти , запали свеќи и се помоли за здравје и среќа за сите присутни. Пријатно бевме изненаденини бидејќи и ние можевме да запалиме свеќа и тоа внатре во црквата, а таква можност немаат православните христијани во црквите во Куманово, бидејќи свеќите се палат надвор во посебниот дограден дел, отворен и ако имате среќа да ви догори свеќата од ветер или да не падне во водата која е ставена во местото каде се палат свеќите. Во црквата света Богородица во Младо Нагоричане ја имавме можноста внатре да запалиме свеќа.

За негови 78 години самиот се подготви за служење на утринската литургија, внимателно го слушаме, се моли за сите , за секој човек , за мир во Македонија која за него е најсвето парче земја, се моли за здравје на војската, за здравје на полицијата, се моли за секој смртник.

Дедо Борче посака мир и  среќа за сите , да се исполнат сите желби кон добри дела, за здравје, љубов, вработување, да се почитуваат и да не се делат по вера и политика. Вели дека политичарите се поигруваат, а последиците ги трпи македонската црква за која вели дека е најстара и не прифаќа Бугарската црква да биде мајка на МПЦ. За починатиот владиката Кирил кого и по смрт  многу го почитува, вели дека тој бил творец на македонистиката, лингвистика, иконографија, зоографијата и црквеното достоинство. Вели дека митрополитот Кирил му оставил аманет да ја чува црквата.

“ Тој  во 1967 година пред 80 делегати ја потпишал историската одлука за возобнова на  автокефалност  на македонската православна црква и не е важно што не не признаваат од страна, нас бог не признава и сите нека погледнат за историјата на нашата црква која е постара 120 години од руската црква. А името Македонија вели дека го носиме 5 334 години и ја имаме најголемата историја”- вели Борче Стефановски и вели дека името Македонија не треба никогаш да го сменат.

Ги почитува сите но вели дека не посакува на никој да ја има неговата судбина.

„Живот или смрт, да служам на луѓето беше мојата парапсихолошка мисија. Ме следеа, трпев секакви тортури но низ тортурата помина и моето семејство. Направив два храма  кои  сега се дуќани за свештенството.  Кога почнав да ја градам црквата имаше 11 пријави против мене. Два пати ме прогласија за мртов. Секакви шпекулации слушав за мене, за секој голем христијански празник велат дека дедо Борче кажал ќе има немири , но тоа се само завери против мене. Неправедно ме обвинија дека сум кажал дека за велигден пред две години ќе експлодира бомба во црква. Тоа беше завера од свештениците што за жал продолжува и сега„- вели дедо Борче.

„На 16 декември 2017 година ме покани владиката во Куманово, мислев дека треба да идам да се отчитам бидејќи тоа го правевме кога владика беше Митрополитот Кирил. Но не беше така , ме викнаа на црковен суд со тројца свештеници и записничар владиката ме обвини дека сум работел против црквата сум зборувал псовки за што најодговорно тврдам дека никогаш не сум го кажал. Ми вели владиката да кажам дека сум кажал псовки, а како да кажам кога не сум. Сакаат да ме тргнат од црквата која три пати ја градам. Еднаш попушти кровот, втор пат од земјотрес попуштија ѕидовите , а трет пат по пријава на селаните ги бркаа мајсторите и фреските испукаа„- раскажува дедо Борче.

Тој вели дека од голем стрес изгубил свет, жали за постапката на свештенството и испраќа порака дека господ е голем и посакува секој кој скршнал од вистинскиот пат да му даде божјата милост сила и да се врати на вистинскиот.

Радио Бум ја контактираше Кумановско Осоговската епархија за немилиот настан,  но владиката Јосиф рече дека нема коментар .

Дедо Борче и покрај тоа што вели дека поседува голема  парапсихолошката моќ апелира до сите луѓе да не одат по надри лекари, гатачи и гледачи, а за него вели ,  никој да не ја доживее неговата судбина.

„Неможам повеќе да им служам на луѓето и немој да ми замеруваат , стар сум годините ме стигнаа, а и здравјето се влошува, но кога ќе те понижат и наклеветат чувството е многу лошо, а се ќе им се врати еден ден„- вели дедо Борче.

Божјата милост е голема, но ние како христијани треба да се држиме до православието и да го почитуваме, друг задгробен живот нема. Кога ќе почине човек не се носи храна на гробишта не се дава храна , се носи само погача ,пченица,  вино и свеќа.  Не се прават гозби за починато лице. Тоа е паганство но се повеќе ги води луѓето во спротивна насока но не на христијанската.

За крај посака сите да бидат живи и здрави да се сакаат и почитуваат, да дојдат во црквата на Света Богородица на Цветници и на Велигден.