Вести

Објавен оглас за субвенции за плински уред

Објавен оглас за субвенции за плински уред

Министерството за економија го објави јавниот повик за субвенционирање на дел од трошоците за купување и вградување на уред за погон на ТНГ, метан или друг вид на алтернативно гориво во возилата.

Предмет на јавниот повик е надоместување до 50 % од трошоците за купен и вграден уред за погон на ТНГ, метан или друг вид на алтернативно гориво во возилото, но не повеќе од 18.000 денари по возило.

Ќе бидат надоместувани трошоците за купен и вграден уред за погон на ТНГ, метан или друг вид на алтернативно гориво, настанати по денот на објавување на јавниот повик, односно од 02.11.2019 година.

Надоместок на дел од трошоците е можен само за едно возило по семејство, а право на учество на јавниот повик имаат физички лица, сопственици на возила  произведени од 2005 година наваму, кои ќе извршат купување и вградување на уред за погон на ТНГ, метан или друг вид на алтернативно гориво во возилата.

По завршувањето на јавниот повик, во декември министерството ќе отпочне со разгледување и избор на физички лица кои ќе бидат субвенционирани и ќе започне со уплата на износот на сметката на сопственикот на возилото, а за доказите ќе одлучува комисија од три члена и нивни заменици. Изборот за тоа кој ќе ги добие парите на својата сметка ќе се прави по принципот „прв дојден прв услужен“ односно по редослед на поднесување и пристигнување на барањата до целосно исцрпување на средствата. 

За да дојдат до парите, купувачите ќе треба да поднесат барање, изјава за веродостојност на податоците од приложената документација и заверена копија од сообраќајната дозвола за возилото во која е евидентирана промената во автомобилот. За овој вториот документ замена може да биде потврдата за вграден уред во возилото издадена од регистрираниот сервис.

Покрај тоа, треба да се приложи и фискална сметка со сметкопотврда или фактура во оригинал со извод од деловна банка за извршено плаќање за купување и вградување на уред, како и фотокопија од лична карта и број на трансакциска сметка. 

Министерот Крешник Бектеши претходно изјави дека очекува со оваа мерка да бидат опфатени околу 1.200 возила на годишно ниво.

Потребните информации и потребни документи може да се добијат на веб страната на Министерството за економија.

admin

November 3rd, 2019

No Comments

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *