Вести

Спасовски ја започна кампањата од Куманово:  Одлука да продолжиме по правиот пат значи сигурност за граѓаните

Спасовски ја започна кампањата од Куманово: Одлука да продолжиме по правиот пат значи сигурност за граѓаните

Носителот на кандидатската листа за пратеници од изборната единица 2, Оливер Спасовски, ја почна кампањата за претстојните парламентарни избори од Куманово каде попладнето имаше средби со граѓани. Спасовски во изјава пред медиумите во Куманово апелираше да се води безбедна кампања од здравствен аспект и фер и демократска кампања за фер и демократски избори.

Тој им порача на граѓаните дека ќе продолжат по патот кој веќе е избран, кој носи сигурна иднина, ја покажува грижата за сите, обезбедува брз раст на плати, брз рестарт и трансформација на економијата. Спасовски истакна дека ќе се продолжи со вложувањата во јавното здравство и справувањето со предизвиците што ги носи коронавирусот, вложувањата во чиста животна средина, но и прочистување на правосудството од како што истакна, корумпираните судии и обвинители.

Поставени се основите за правна држава, додаде Спасовски, за да се осигураат и европските интеграции – по НАТО членството, потребно е да се продолжи по патот што заедно е избран.

-Одлуката да продолжиме по правиот пат значи докажано, сигурност за граѓаните и државата и не за Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ, кои докажано, се опасност за државата и граѓаните. ВМРО-ДПМНЕ на чело со Мицковски продолжува со неодговорното однесување, тие лажат, шират паника, злоупотребуваат институции за партиски цели, рече Спасовски.

Тој додава дека продолжувањето по правиот пат, значи никогаш повеќе режим, кражба на народните пари за полнење џебови на поединци, поделби на народот, мрачни времиња во коишто се гази врз достоиството на луѓето, меѓународна изолација, опасно рушење на здравствениот систем.

– Ние го подготвивме здравствениот систем да се справи со предизвиците од коронавирусот, во услови на светска здравствено-економска криза ги спасивме граѓаните и државата од најцрните сценарија, се погриживме да се сочува секое можно работно место, секој можен бизнис, никој да не остане без егзистенција и како во времето кога решававме стратешки прашања и успеавме да ја покренеме економијата, продолжуваме со решенија и иницијативи. На прав пат сме и можеме уште повеќе и уште подобро, рече Спасовски.

Куманово додаде тој, секогаш било предводик на нови победи, тоа го потврдува историјата и во изборните пресврти и така ќе биде и на овие избори.

Носителот на листата од ИЕ 2 оствари средба и со угостителите од Куманово, тој зборуваше за мерките што се превземени за поддршка во здравствено-економската криза, како и за мерки од Програмата на СДСМ во делот на економијата.

„Обезбедивме финансиска поддршка за работодавачите погодени од здравствено-економската криза за исплата на плати за април, мај во висина од 14.500 денари по вработен и ја продолживме мерката за јуни, за што во Буџетот за оваа намена се оставени средства во висина од 100 милиони евра. Со тоа заштитивме 140.000 работни места. На сметките се легнати најголем дел од парите од првата кредитна линија, КОВИД 1, во дејностите погодени од кризата: угостители, туризам и транспорт – доделени се според досегашните инфорации по овој основ 5.5 милиони евра. Обезбедивме уште една бескаматна кредитна линија, КОВИД 2, за сите дејности, вклучувајки го и угостителството, станува збор за средства од 7.2 милиони евра. Вкупната парична поддршка што ја обезбедивме преку двете кредитни линии КОВИД 1 и КОВИД 2 е во вредност од 12.67 милиони евра за 1331 микро, мали и средни претпријатија, со што се обезбедува егзистенцијата за 16.632 вработени, само по овој основ. Наменивме и 28 милиони евра за засегнати групи граѓани кои деновиве ги добиваат платежните картички за купување домашни производи или користење услуги во земјава, станува збор за невработени лица и приматели на социјална помош, кои добиваат 9.000 денари, а вработените со ниски примања и младите од 16 до 19 години добиваат финансиска помош од 3.000 денари. Домашна платежна картичка добиваат и здравствените работници, ангажирани во справувањето со корона-кризата, со средства во висина од 40 проценти од последната основна нето плата. Сите тие освен картичката ќе можат да ја користат само за домашни произвиди и услуги, така што очекувајте дека голем дел од овие пари ќе влезат и во угостителството” порача носителот на листата во ИЕ 2, Спасовски.
Тој зборуваше и за мерки од Програмата на СДСМ со коишто се предвидува брза трансформација на економијата, нови бизниси и работни места.
„Претходната власт крадеше од граѓаните и полнеше лични џебови – ние работиме чесно и парите ги насочуваме кон граѓаните, како и што ветивме. Ја извадивме земјата на прав пат и можеме уште повеќе и уште подобро. Треба да продолжиме по правиот пат. Во новиот мандат уште повеќе ќе ги поддржиме домашните фирми, а со членството во НАТО носиме и рекореден број странски инвестиции. Нашата цел е брза трансформација на македонската економија, поддршка на вработувањата, нови вработувања и да ја вратиме економијата на солиден, одржлив раст од 4 проценти до крајот на мандатот. Еден начин како ќе креираме нови работни места е преку поддршка на домашни и странски инвестиции во износ од 600 милиони евра: 300 милиони евра од домашни средства и дополнителни 300 милиони евра од европските фондови што ни се отвораат. Се грижиме са сите и можеме уште повеќе и уште подобро, затоа ќе продолжиме по правиот пат, рече меѓу другото, носителот на ИЕ 2, Спасовски на средбата со угостители во Куманово.

Igor Andonovik

June 24th, 2020

No Comments

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *