Вести

,,Лице в лице со Претседателот” Пендаровски во Куманово

,,Лице в лице со Претседателот” Пендаровски во Куманово

Претседателот на Република Македонија, Стево Пендаровски, во рамките на проектот „Лице в лице со Претседателот“, денеска беше во општина Куманово.
Пендаровски се сретна со новинарите, медиумските работници и сопственици на медиумите со кои разговараше за тешката финансиска состојба во која се наоѓаат локалните медиуми и што треба да се превземе за подобрување на состојбата во медиумите и дописничката мрежа.

Првата средба на претседателот Пендаровски во Куманово беше во Општинското основно училиште „Толи Зордумис“, каде наставата се одржува на македонски и на албански јазик. Во него е имплементиран Нансен моделот за интеркултурно образование, којшто ги интегрира учениците, родителите и наставниците од различни етнички заедници преку современ воспитно – образовен процес.

Пендаровски го посети и Борис Секирарски, дипломиран инжинер, метеоролог, кој повеќе од три децении работи во Управата за хидрометеоролошки работи во Скопје, а е носител на повеќе домашни и меѓународни признанија за своите иновации.

Следејќи ги климатските промени и последиците од нив, Секирарски го создаде ЕЛИФ (Electronically Leed Internet Forecast), чија функција е предвидување на поплави и невреме. Секирарски, исто така, работи на поновиот систем ЕЛИФА за следење на промените на квалитетот на воздухот над поширок регион. Меѓу поновите негови успеси е системот кој ги обединува сите негови напори на полето на климатските промени, наречен ЕлифЕРС (ELIF – Emergency Response System). Со него во регионот ќе можат да работат кризните штабови од различни нивоа и постојано да имаат проценки за различни закани од природата.

Секирарски на средбата истакна дека во денешно време е вистинска вештина да се пронајде точен и релевантен извор на податоци и треба да се одбере на кој извор ќе му верувате. Пред претседателот Пендаровски истакна дека целта му е неговите патенти да бидат од корист на граѓаните за навремено и точно следење на метеоролошките состојби.

За време на престојот во Куманово, претседателот Пендаровски се сретна и со вработените во библиотеката „Тане Георгиевски“, која годинава одбележува 75 години од своето постоење.

Претседателот Пендаровски оствари средба и со претставници на невладини организации од кумановскиот регион.

Проектот „Лице в лице со Претседателот“ е инициран во изборната програма на претседателот Пендаровски. Целта е преку посети на населените места во Северна Македонија, претседателот Пендаровски да се сретне со што е можно повеќе граѓани, и одблиску да ги слушне проблемите и предизвиците со кои се соочуваат граѓаните, како и идеите за нивно надминување.

admin

February 27th, 2020

No Comments

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *