Вести

Кумановските пожарникари добија нова опрема

Кумановските пожарникари добија нова опрема

По скоро две децении Територијалната противпожарна единица Куманово доби нова заштитна опрема. Триесет комплети се набавени од средства на општината за пожарникарите кои се први на интервенција, додека возачите ќе ја користат досегашната.

Станува збор за високопрофесионална опрема за чија набавка се потрошени три милиони денари, информираше денеска градоначалникот Максим Димитриевски.

– Не само нашата противпожарна единица туку сите во државата се соочуваат со сериозни технички проблеми. Успеавме да издвоиме дел од средствата и да ја набавиме оваа опрема. Се надеваме дека пожарникарите ќе ја користат совесно и секако очекуваме да имаат што помал број на интервенции, а да бидат подготвени секогаш да се соочат со предизвиците. Можеби е несвојствено денеска во зимскиот период да правиме едно вакво предавање на опремата, но во зима се подготвуваме за лениот период кој ни претстои бидејќи тогаш и најголем број од интервенциите следуваат во делот на гаснење на пожарите, изјави Димитриевски.

Обновата на опремата е добредојдена со оглед дека од 2000 година не е направена набавка, вели командирот на кумановската противпожарна служба Деан Илиевски, кој додаде дека моментално девет возила се операбилни за интервенции, но нагласува дека е потребна обнова на возниот парк.

– И самите знаете, како што напомена градоначалникот, тоа е поголема инвестиција. Очекуваме помош од државата и се надеваме дека ќе добиеме во најскоро време да го обновиме и возниот парк, изјави Илиевски.

Бројот на пожарникари во Општина Куманово според бројот на жители, како што истакна градоначалникот Димитриевски е далеку под нормативите на ЕУ.

– Општина Куманово според бројот на жители би требало да има минимум 100 пожарникари. Доколку обезбедиме буџетска поддршка во делот на исплата на плати и надоместоци, секако дека на нас ни се потребни, во спротивно општините не се подготвени да го платат овој финансиски издаток, затоа што противпожарните служби дојдоа од рамките на МВР под надлежност на локалните самоуправи. Дел од финансирањата се пренесоа, додека за останатите вработени обезбедуваме плати од сопствени приходи и дополнително го отежнуваме Буџетот на Општина Куманово, но сепак ова е дејност која мора да ја имаме бидејќи непречено мора да се дејствува, додаде Димитриевски.

Од почетокот на годината, кумановските пожарникари бележат 24 интервенции, или во просек по една интервенција дневно, за разлика од летниот период кога бројот на интервенции е значително поголем.

Igor Andonovik

January 25th, 2019

No Comments

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *