Вести

Општина Куманово ќе организира јавна расправа на која граѓаните ќе одлучат дали општината треба да се задолжи милион евра

Општина Куманово ќе организира јавна расправа на која граѓаните ќе одлучат дали општината треба да се задолжи милион евра

Општина Куманово, објави повик за учество на усната јавна расправа по нацрт – одлуката за долгорочно домашно задолжување на Општина Куманово во рамки на Вториот проект за подобрување на општинските услуги (MSIP2).

Општината ги повика кумановци, други заинтересирани субјекти, претставниците на јавните претпријатија, во Општина Куманово да се вклучат во расправата со свои ставови и мислења за нацрт – одлука за долгорочно домашно задолжување на општина Куманово во рамки на вториот проект за подобрување на општинските услуги (MSIP2).

-Усната јавна расправа ќе се одржи на 24 септември 2020 година со почеток во 10 часот во големата сала во Комитет-Куманово. Поради протоколите за заштита од Ковид-19, се задолжуваат сите присутни лица задолжително да носат заштитна маска, да држат социјална дистанца од два метри и да вршат честа дезинфекција на раце, за време на расправата. Капацитетот на посетителите е ограничен согласно просторните услови, како и протоколите и мерките за спречување на внесување и ширење на коронавирусот, наведуваат од општина Куманово.

Кумановските советници на последната седница, по жестока дебата наместо да гласаат за предлог одлука за долгорочно домашно задолжување на Општина Куманово од милион евра за набавка на опрема, во рамки на вториот проект за подобрување на општинските услуги, изгласаа нацрт одлука која ќе оди на јавната расправа пред граѓаните. Кумановци ќе одлучат дали е потребно да се набави опрема за четири јавни претпријатија од градот. Четириесет и петтата седница на Советот на општината помина со дебата и долга пауза која ја водеа советниците од опозицијата и предлагачот градоначалникот Максим Димитриевски кој ја преформулираше одлуката од предлог во нацрт одлука. На јавната расправа граѓаните можат да дадат мислење дали општината треба да оствари долгорочно домашно задолжување преку потпишување на договор за под заем со Министерството за финансии преку повик за подобрување на општински услуги со заем од Светска Банка, од над 63 милиони денари со финансирање на капитални проекти односно набавка на опрема (ровокопачи, пајак возило, градежни машини, машини за чистење снег и друга механизација) за кумановските претпријатија „Чистота и Зеленило“, „Водовод“, „Куманово-Гас“ и „Куманово-Паркинг“.

Координаторот на проектот од Секторот за евроинтеграции од општината, Маја Петровска, тогаш информираше дека пред две години советниците донеле одлука за намера за задолжување и додаде дека износот на заемот е 63 милиони 754 илјади 712 денари каматна стапка е еден процент, времетраење на заемот е 13 години, со грејс период од три години. Таа кажа дека преку реализација на проектот ќе се подобрат услугите кои претпријатијата ги даваат на граѓаните, ќе се подобри квалитетот на животот во заедницата, ќе се генерираат заштеди.

Radio Bum

September 18th, 2020

No Comments

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *