Вести

Димитриевски: Царовска да го преиспита решението и да се извини

Димитриевски: Царовска да го преиспита решението и да се извини

Одлуката за одземање на ингеренциите на Општина Куманово во градинките е тенденциозна, оцени денеска градоначалникот Максим Димитриевски, кој на прес конференција ја повика министерката за труд и социјална политика Мила Царовска да ја преиспита својата одлука.

Ваквата прес конференција следува откако Министерството за труд и социјална политика донесе решение со кое се одземаат ингеренциите на општината поради, како што велат, ненавремено избирање на нов директор согласно закон.

Решението е неиздржано, селективно и истото има за цел да го инволвира министерството во кадровскиот избор на директорот во оваа јавна општинска установа, рече денеска Димитриевски. На први јануари без налог, според првиот човек на општината, локалната самоуправа била посетена од инспекција на МТСП при што било посочено дека може да дојде до ваква одлука.

– Во 2015 година исто така е извршен избор на директор, повторно спротивно на овој член на законот на кој се повикува министерството, но тогаш никој не се дрзнал да ги одземе ингеренциите и надлежностите на општината. Јас како градоначалник сум должен да обезбедам правно работење на институцијата, Детска градинка „Ангел Шајче“ и на самата општина Куманово и сите институции под наша надлежност, рече Димитриевски.

Главен проблем во оваа ситуација за Димитриевски е министерката Мила Царовска, од која побара преиспитување на одлуката.

– Главен проблем е министерката Царовска. Го повикувам главниот проблем уште еднаш да ги преиспита сите свои одлуки поврзани со оваа активност и да го укине решението, а надлежноста да ја врати на Општина Куманово, бидејќи праксата покажува дека избор на директор може да се врши непречено без разлика дали овој член на законот ќе се почитува или нема да се почитува. Праксата во одредени општини во Република Македонија покажува дека имаме исти случаи каде не е навремено отпочната постапка за избор на директор, но за жал за тие општини, како во конкретниот случај Општина Центар не се преземени никакви активности, рече Димитриевски.

Димитриевски освен повлекување на одлуката, од Царовска побара и извинување за граѓаните на Куманово.

– Апелирам до министерката Царевска истото да го преиспита, укине и јавно да се извини на општина Куманово и на граѓаните, бидејќи ова е се, само децентрализација не. Како градоначалник граѓаните не ги делам ниту на верска, ниту на партиска, ниту било која друга припадност, и нема да дозволам никаков притисок без разлика од која страна и да доаѓа врз мене или моите први соработници, а верувајте деновиве многу ги има. Апелирам на разбирање, најважно е институцијата да функционира непречено, посочи Димитриевски.

Дванаесет години не е сменет менаџерот на градинката „Ангел Шајче“, и не е извршен отчет или ревизија, и покрај укажувањата на вработените и граѓаните рече Димтириевски.

Решението мора да се почитува, но Димитриевски најави институционална борба со како што рече погрешната одлука на министерката.

– Граѓаните кои се изложени на овие ниски температури и не може да им се најде сместувалиште наместо да се дрзнува да одзема ингеренции и надлежности на институции да се позанимава со нејзината примарна задача, а тоа е социјално згрижување и секако трудот и правата на работниците, рече Димитриевски.

Претходно од Министерството за труд и социјална политика објавија само соопштение со образложение дека детската грижа и заштита се приоритет во работењето на Министерството за труд и социјална политика. Министерството, поради непочитување на одредбите од Законот за заштита на децата од страна на Општина Куманово ги одзеде ингеренциите за управување со градинките.

Igor Andonovik

January 28th, 2019

No Comments

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *