Вести

Утре ден на жалост во Куманово

Утре ден на жалост во Куманово

Советот на Општина Куманово на денешната вонредна седница, едногласно, утрешниот ден 25 Февруари 2020 , вторник го прогласи за ден на жалост на територијата на Општината, по трагичната несреќа на експлозија на плинска боца во која животот го загубија четири лица од кои три деца, а уште 6 се во критична состојба со изгореници .
Со одлуката на советот, сите знамиња утре ќе бидат спуштени на половина копје, а културните и спортски манифестации се откажани.

Градоначалникот Максим Димитриевски, апелираше надлежните да ја истражат несреќата и да излезат со детали во јавноста за тоа што ја причинило несреќата, а на семејствата Алими и Сакипи кои останаа без своите најмили, им упати длабоко сочувство.
– Куманово денеска е заедно со семејствата Алими и Сакипи, она што вчера се случи е еден немил настан кој се случува во 21 век, а истрагата треба да покаже од кои причини. Апелирам надлежните органи да ја утврдат фактичката состојба и да излезат со детали во јавноста и ја користам приликата од мое име и од граѓаните да изразам најдлабоко сочувство до двете семејства и членовите на семејствата Сакипи и Алими, бидејќи според нашите сознанија кои официјално и од медиуми ги добиваме се работи за еден трагичен настан во кој наши сограѓани ги изгубија своите животи,а притоа и веројатно не биле свесни во моментот што всушсност се случува. Воедно ја искажувам мојата поддршка до семејствата и посакувам на сите оние кои се на закрепнување или се борат за своите животи да ги надминат овие тешки моменти, а ние сите заедно сме денеска со нив и нивните семејства, рече Димитриевски.
Како што додаде Димитриевски, општината е на располагање да им помогне на семејствата, а граѓаните се сплотени без разлика на етничката, верската или политичката припадност.
– Сакам да ја искажам намерата на општината и граѓаните, бидејќи во овие моменти сите сме сплотени без разлика на етничка, верска и политичка припадност, дека сите сме со овие семејства и стоиме на располагање да помогнеме во секој момент институционално и вонинституционално, за да ги ублажиме болката на членовите на семејството, а воедно на сите кумановци бидјеќи се работи на несекојдневен настан кој не само што не растревожи сите, туку не потсетува да видиме каде сме ние во овие турбуленти времиња, каде поради елементарна невнимателност, а можеби и пропусти во употреба на различни апарати се исложуваме самите себе си. Се надевам дека ова ќе биде последна седница на која ќе прогласуваме Ден на жалост, изјави Димитриевски.
Во својот крајно емотивен говор и со солзи во очите, претседателката на Советот Атина Мургашанска, им упати поддршка на семејствата и порача дека во рамките на своите надлежности општината и материјално и финансиски ќе пружи помош.
– Кога ќе загубите близок член на семејството, болката е огромна и треба време да помине за повторно да продолжите со својот живот и да ја гледате иднината на остнатите членови на семејството. Верувам дека овие семејства се во исклучително тешка состојба, но сите ние како граѓани без разлика на етничка, верска, политичка определба, каде живееме или работиме, сочувствуаме со нив, се обидуваме да ја споделиме нивната тага и болка, рече Мургашанска.

admin

February 24th, 2020

No Comments

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *