Вести

СЗО со повик за зголемено производство на „Дексаметазон“ за намалување на  смртноста  кај пациенти со најтешка форма на коронавирус

СЗО со повик за зголемено производство на „Дексаметазон“ за намалување на смртноста кај пациенти со најтешка форма на коронавирус

Светската здравствена организација (СЗО) повика да се зголеми производството на дексаметазон, откако британските научници објавија дека овој стероид значително ја намалува смртноста кај пациенти заболени од коронавирус кои се во тешка состојба.

„Ние се соочуваме со нови предизвици: зголемување на производството и брза и правична дистрибуција на дексаметазон ширум светот, фокусирајќи се на тоа каде е најпотребно“, рече генералниот директор на Светската здравствена организација, Тедрос Аданом Гебрејесус.

За среќа, кажа тој, станува збор за ефтин лек кој го произведуваат многу фабрики ширум светот и кои, сигурни сме, може да го забрзаат производството.

Првите резултати од британското клиничко испитување покажуваат дека дексаметазонот ја намалува смртноста за третина кај пациенти со најтешка форма на болеста.

„Дексаметазон треба да се користи само кај пациенти со Ковид-19 кои се во тешка и критична состојба, под строг клинички надзор“, предупреди тој.

„Нема докази дека овој лек е ефикасен кај пациенти со лесна форма на болеста и за превенција, а може да предизвика и штета“, посочи Тедрос.

Директорот на СЗО кажа дека побарувачката за дексаметазон е веќе зголемена.

Тој ја повика меѓународната заедница да биде солидарна и транспарентна, така што снабдувањето со дексаметазон ќе се врши пред сè во земјите со најголем број сериозно болни пациенти.

„Исто така важно е да се провери дали снабдувачите можат да го гарантираат квалитетот на лекот бидејќи постои висок ризик од влез на пазарот на производи со понизок квалитет и фалсификати“, предупреди водачот на СЗО.

Тој, на денешниот брифинг, кажа дека вчера се регистрирани повеќе од 183.000 нови случаи, што е несомнено најголем број заболени за еден ден.

Каков е тој лек?
Дексаметазонот е стероид- лек кој го намалува воспалението имитирајќи ги хормоните кои ги лачи телото во борбата.

Како делува?
Овој лек делува така што го пригушува имуниот систем на телото.

Колку е ефикасен?
Според научниците кои го спровеле истраживањето, еден од три смртни случаи можат да бидат спречени меѓу пациентите на респиратор.

За оние приклучени на кислород може да ја спречи секоја петта смрт.

Нема значајни ефекти кај пациенти кои немаат потешкотии со дишење.

Околу 2100 пациенти примиле доза од шест милиграми дексаметазон во период од 10 дена.

Нивниот напредок е спореден со случајни примероци од 4300 пациенти кои не примале терапија.

Научниците се надеваат дека дексаметазонот во комбинација со други лекови уште повеќе ќе ја намали смртноста.

Дексаметазонот е евтин лек кој веќе постои и го има во доволни количини.

Лекот помага во лечење на разни болести кои се проследени со воспаление или отекување на телото, или состојби во кои се преоптеретува имуниот систем.

Се користи кај астма, како и при силни алергиски реакции, но и при автоимуни заболувања како ревматоиден артрит или лупус, кога имуниот систем по грешка го напаѓа телото.

Дали има несакани ефекти?
Вообичаените несакани ефекти се анксиозност, тешкотии при спиење, гоење и тешко мокрење.

Кај пациентите болни од Ковид-19 кои примале терапија со дексаметазон не се појавиле несакани ефекти.

Igor Andonovik

June 23rd, 2020

No Comments

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *